Во периодот Октомври-Декември 2015 година, лабораторијата за маса на Бирото за метрологија учествуваше во меѓулабораториска споредба за калибрација на неавтоматски ваги. Пилот лабораторија беше Дирекцијата за мери и драгоцени метали (ДМДМ) од Р. Србија, а учество земаа 15 лаборатории за калибрација од регионот на поранешна Југославија (Македонија, Србија, Црна Гора и Хрватска).
Целта на меѓулабораториската споредба беше докажување на мерните можности за калибрација на лабораториите-учеснички, со дефинирана мерна неодреденост од обемот на акредитација.
Предмет на калибрација беше електронска неавтоматска вага, тип: ME254S-0CE, со капацитет од 220 g, производ на Sartorius.
Мерењата и буџетот на мерна неодреденост беа изведени по метода, согласно Европскиот документ за калибрација на неавтоматски ваги "EURAMET/cg-18/v 3.0".
Анализата на добиените резултати, од страна на пилот лабораторијата беше направена според критериумот за нормализирана грешка, En, кој за успешни резултати треба да биде помал од 1: ׀ En׀ ≤ 1
Вредноста на нормализираната грешка En, која лабораторијата за маса успеа да ја постигне, преку извршените мерења по целиот опсег на вагата, се движи помеѓу 0 - 0.43, (условот En ≤ 1 е постигнат), со што лабораторијата ги потврди претходно дефинираните калибрациони и мерни можности за калибрација на неавтоматски ваги.